Серија на брутални убиства во САД повторно го привлече вниманието кон MS-13 – улична латино банда, настаната во Лос Анџелес, но со далечни корени во Ел Салвадор.
Последното од серијата е масовното убиство во понеделникот во Лонг Ајленд, каде што беа најдени четири вандализирани машки тела, три од нив на тинејџерска возраст, скриени во шума, соопшти полицијата.
На Твитер, Доналд Трамп ја окарактеризира бандата како “опасна”. Главниот обвинител Џеф Сешнс вети дека ќе ја “уништи”. И едниот и другиот ја обвинија емиграционата политика на администрацијата на Обама за подемот на криминалната група.
Но, што всушност е MS-13, и навистина ли e Обама виновен? – прашува BBC.
Репутација на екстремно насилство
Бандата се раѓа во латино квартовите на источен Лос Анџелес во 80-тите години, формирана од емигрантите кои избегале од долгата и брутална граѓанска војна во Салвадор. Другите членови на бандата потекнуваат од Хондурас, Гватемала и Мексико.
MS е кратенка за Mara Salvatrucha – комбинација од mara, што значи „банда“, salva – што алудира на Ел Салвадор, и trucha – што приближно се преведува како “способност да се преживее на улицата”. 13 потекнува од местото на буквата M во абецедата.
MS-13 изградуваат репутација на криминалци кои прибегнуваат кон екстремно насилство и убијци со мачети. Првично виреат во квартовите доминирани од мексикански банди, а потоа навлегуваат и во други делови на САД. Според ФБИ, моментално бандата е присутна во дури 46 сојузни држави.
Во 2012 година, американското Министерство за финансии ја прогласи MS-13 за “интернационална криминална организација”. Со тоа, MS-13 стана првата улична банда на која ѝ е укажана таква „чест“ и ѝ се припишува така голем степен на криминалност, што ја става на исто ниво со многу поголеми меѓународни картели, како мексиканскиот Зета, јапонската Јакуза и италијанската Камора.
Брутална иницијација
MS-13 е обвинувана дека привлекува сиромашни тинејџери од семејства со тежок живот. Вклучувањето во бандата, според познавачите, бара „инклузија“ – при што кандидатот се подложува на тежок ќотек во времетраење од 13 секунди, а потоа и исполнување на „влажна нарачка“ – т.е. извршување на кривично дело, многу често не помало од убиство.
Напуштањето на бандата е уште поопасно. Големите тетоважи на градите ги бележат нејзините членови за цел живот, а одредени фракции дури и ги убиваат членовите кои ќе се обидат да ја напуштат бандата.
Во 2008 година, ФБИ проценува дека MS-13 брои од 6-10 илјади членови во рамките на границите на САД, што ја прави една од најголемите криминални организации во земјата.
Во моментов бандата е многу побројна надвор од земјата, тврди агенцијата. Активната борба против гангстерските банди на крајот на 90-тите години, натера стотици од раните членови да се вратат во централно-американските земји од каде што доааѓаат, каде сега тие имаат создадено домашни банди, „подружници“ на оригиналните криминални организации како MS-13. Се проценува дека во моментов бројот на членови на бандата во земјите од Средна Америка е барем 60.000.
Годишна приход на MS-13 e околу 31.2 милиони долари. Податокот е базиран на информациите на весникот El Faro, добиени од големата полициска операција во Салвадор. Најголем дел од парите доаѓа од дрога и изнудување.