Можната средба меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио бара претходни подготовки, изјави денес заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков.
„Не можеме да одложиме нешто за кое не е договорено. Не потврдивме што напишаа вчера некои западни извори. Немавме јасно дефинирано време или локација за таква средба. Постои идеја за одржување на оваа средба“, изјави Рјабков за новинарите, пренесува РИА Новости.
Рјабков нагласи дека се прават подготовки за средбата меѓу Лавров и Рубио и потврди дека шефот на руската дипломатија вчера разговарал со својот американски колега на оваа тема.
Тој во понеделник изјави дека се очекува украинското прашање, билатералните односи и економската агенда да бидат на дневен ред на можната средба меѓу Лавров и американскиот државен секретар.