На северот на Пакистан осум деца загинаа во лизгање на земјиштето додека играа крикет по монсунските дождови, соопштија денеска локалните власти.
Тие рекоа дека инцидентот се случил синоќа во областа Шангла и дека децата се на возраст меѓу 12 и 15 години, пренесе Ројтерс.
Речиси 15 деца поставија терен за крикет во близина на карпата, која ги закопа по дождот, изјави за британската агенција офицерот на окружната единица за итни случаи Санаула Кан.
„Локалните спасувачки тимови, на кои подоцна им се придружи и пакистанската армија, по неколку часа извлекоа осум тела“, рече тој.
Едно дете е тешко повредено, додека другите се неповредени.
Друг функционер, Билал Кан, рече дека селаните први дошле на местото и дека биле од голема помош пред да пристигнат спасувачките тимови.
Обилните монсунски дождови и топењето на мразот во Пакистан минатата сезона предизвикаа поплави во планинските области на север, како и во јужните рамнини, при што загинаа повеќе од 1.700 луѓе, раселени милиони и предизвикаа штета од милијарди долари.