Монструмот кој уби 77 луѓе десет години подоцна бара да го ослободат

Сподели со своите пријатели

Само десет години по извршувањето на најсмртоносниот напад во Норвешка, десничарскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик во вторник ќе побара од судот условно ослободување, а се очекува судот да го одбие барањето.

Семејствата на жртвите, кои стравуваат дека Брејвик ќе го искористи сослушувањето за да ги промовира своите политички ставови, апелираат да му се ускрати вниманието што го бара.

Од безбедносни причини, општинскиот суд во јужниот регион Телемарк ќе одржи рочиште за барањето на Брејвик во салата на затворот Скиен, каде што Брејвик ја отслужува казната.

Брејвик, кој уби 77 луѓе, во 2012 година беше осуден на 21 година затвор, со можност за неопределено продолжување на казната додека Брејвик претставува закана за општеството.

Во тоа време, тоа беше најголемата можна казна во Норвешка, иако оттогаш законот беше изменет за да се овозможи изрекување подолги затворски казни.

Екстремистот морал да одлежи најмалку 10 години затвор пред да поднесе барање за условно ослободување.

Брејвик, кој сега има 42 години, уби осум лица во Осло со активирање бомба на камион полн со експлозив пред владините канцеларии во Осло на 22 јули 2011 година.

Потоа застрела 69 луѓе, главно тинејџери, во летниот младински камп на Лабуристичката партија на островот Утоја.

Тоа е најсмртоносниот напад во Норвешка од Втората светска војна, а се очекува судот да го одбие неговото барање.

„Како и во секоја друга држава со владеење на правото, осуденикот има право да поднесе барање за условно ослободување. Брејвик одлучи да го искористи тоа право“, изјави за AFP неговиот адвокат Ојстеин Сторвик.

На суд и во различни комуникации, вклучително и со АФП, Брејвик во минатото тврдеше дека се дистанцираше од насилство.

Сепак, Торе Бјорко, раководител на Центарот за проучување на екстремизмот (C-REX) на Универзитетот во Осло, вели дека Брејвик „не станал помал екстремист во идеолошка смисла“.

„Сега тој се претставува како националсоцијалист. Иако вели дека, што се однесува до него, вооружената борба е минато, тој на ниту еден начин не се огради од масовното убиство што го изврши, а кое го смета за сосема легитимно“, рече тој.

Во тужбата против норвешката држава што ја поднесе во 2016 година за изолација во затвор, Брејвик се спореди себеси со Нелсон Мандела, истакнувајќи дека тој преминал од вооружена во политичка борба.

Сепак, екстремистот кој ги уби повеќето од своите жртви со истрел во главата, никому не изрази веродостојно каење.

Тој ги искористи судските рочишта за да ја шири пропагандата што ја наведе во неговиот манифест објавен непосредно пред смртоносните напади.

Тој поздравуваше во судот со нацистички поздрав и ја искористи можноста за идеолошки монолози.

За семејствата на неговите жртви секое ново судско рочиште и неговите акробации што следеа беа искушение.

Пред последниот тридневен пренос во живо, група поддржувачи на семејствата на жртвите рекоа дека сакаат „што е можно помал фокус на терористот и неговата порака“.

„Секое спомнување на овој случај воопшто, а особено на терористите, е голем товар за преживеаните, родителите и за оние кои се погодени од терористичките напади во Норвешка“, велат тие.

Нападот на Брејвик беше инспирација за другите, како напаѓачот на џамиите во Крајстчерч, Нов Зеланд во 2019 година, како и други спречени напади ширум светот.

Малкумина во Норвешка го доведуваат во прашање правото на Брејвик да бара условно ослободување по 10 години, најмногу поради тоа што се очекува одбивање.

Поголема загриженост предизвикува фактот што тој ќе добие внимание на рочиштето.

„Се чувствувам прилично апсурдно што добива толкаво внимание барајќи ослободување само по 10 години“, изјави Кристин Рајнланд, водач на Групата за поддршка на жртвите, која ја загуби својата 18-годишна ќерка во Утоја, за норвешката телевизија NRP Lisbeth.

И покрај исклучителната природа на неговите злосторства, Норвешка има тенденција да го третира Брејвик како и секој друг затвореник.

По тужбата на Брејвик, норвешката држава во 2016 година беше прогласена за виновна за „нехумано“ и „понижувачко“ постапување кон Брејвик поради неговата изолација од другите затвореници. Пресудата беше укината по жалба.

Во затворот Брејвик има три соби, телевизор, ДВД, конзоли за игри и машина за пишување.

Инаку, за овој случај игран филм според вистинските случувања сними и Нетфликс: