Владата на вчерашната седница одлучи на барање на Министерството за образование и наука да одвои два милиони евра за изградба на нов објект за гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово.
– Планирана е изградба на целосно ново училиште кое ќе се изгради за најмногу три години отсега и ќе чини околу 120 милиони денари, стои во соопштението на Владата.
За следната година се предвидени 50 милиони денари, а дополнително 70 милиони ќе бидат одвоени во 2024 година.
Објектот ќе биде изграден на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, лоцирано во поранешната кумановска касарна.
Општина Куманово ја завршува процедурата за изработка на архитектонско-урбанистички проект, а по одобрување на истиот ќе започне со изработка на основен проект за изградба на нов училиштен објект.
Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски ја поздрави одлуката на МОН и Владата со која ќе се реши деценискиот проблем на учениците и наставниците од оваа училиште.
– Во неколку наврати досега како сум градоначалник на општина Куманово испраќавме барања до Министерството за образование и наука за решавање на проблемот со гимназијата „Сами Фрашери“. Со конкретни заклучоци ги информиравме надлежните во 2018 година каква е состојбата со оваа гимназија и побаравме финансиски средства да алоцираат во буџетот, истите се симнаа на сметка од буџетот, за потоа во 2019 година финансиските средства да ги нема. Повторно, од општината испративме уште неколку барања, но одговор не добивме. Драго ми е што конечно ќе започнеме со конкретни чекори за решавање на овој децениски проблем, вели Димитриевски.
Како што појаснува кумановскиот градоначалник, со ресорниот министер Јетон Шаќири пред месец дена договориле секоја страна да ги заврши своите обврски за да се отпочне со решавање на проблемот.
Инаку, досега, учениците, со години посетуваат настава во адаптирани простории на ЗИК „Куманово“, коишто воопшто не ги исполнуваат стандардите за реализација на образовната дејност.
Никола Ивановски