Двајца мажи во конзервативната индонезиска покраина Ачех беа меѓу групата луѓе кои беа јавно тепани вчера откако судот за шеријатски закон ги прогласи за виновни за кршење на исламскиот закон со прегратки и бакнежи, што судот го протолкува како дела што можат да доведат до забранет секс, објави CBS.
Пред публика од околу стотина луѓе, тепањето се случи на сцена во градскиот парк Бустанусалатин во Банда Ачех.
Мажите, на возраст од 20 и 21 година, беа тепани по грбот со десетици удари со ратан стап од мажи облечени во мантии и со качулки на главите.
100 удари со стапот
Според законите на Ачех, дозволени се до 100 удари со стап за „морални прекршоци“, вклучувајќи хомосексуални односи и секс меѓу невенчани парови.
Насилна казна е предвидена и за коцкање, консумирање алкохол, жени кои носат тесна облека и мажи кои не присуствуваат на петочните молитви во џамијата.
Судот во Ачех ги осуди мажите на по 80 камшикувања откако религиозната полиција ги фати во она што судот го протолкува како сексуален чин на прегрнување и бакнување во тоалет во градски парк, покажаа судските записи.
Во вторник, уште осум лица беа јавно камшикувани за прељуба и коцкање.
Уапсени во април
Мажите беа уапсени во април во градскиот парк Таман Сари во Банда Ачех откако жителите ја известиле полициската патрола дека ги виделе како заедно влегуваат во јавен тоалет.
Полицијата ги пронашла внатре како се бакнуваат и прегрнуваат.
Пред да се сретнат, тие се договориле преку апликација за онлајн запознавање, според судските документи.
Ачех е единствената индонезиска покраина што го применува шеријатскиот закон.
Од почетокот на неговата примена и воспоставувањето на религиозната полиција и судскиот систем во 2006 година, регистрирани се четири јавни камшикувања поврзани со хомосексуалност.
Потоа, националната влада се согласи со воведувањето на шеријатскиот закон како дел од спогодбата со која се стави крај на долгогодишното сепаратистичко востание.
Сакаше да воведе закон според кој прељубата се казнува со смрт со каменување
Националниот казнен законик на Индонезија не ја регулира хомосексуалноста, но централната влада не може да го укине шеријатот во покраината Ачех.
Сепак, властите во Џакарта претходно го принудија Ачех да отфрли нацрт-закон со кој би се вовела смрт со каменување за прељуба.
Во 2015 година, Ачех дополнително ги прошири своите шеријатски закони, вклучително и нивна примена врз немуслиманите, кои сочинуваат околу 1% од населението.
Казната за двајцата мажи осудени вчера беше петтата изречена за хомосексуалност откако правилата стапија на сила во 2015 година.
Двајца други мажи беа јавно казнети во февруари на истото место откако беа осудени од шеријатски суд за сексуални односи.
Аулија Сапутра, жителка на Банда Ачех која беше сведок на тепањето, рече дека казната би можела да спречи кршење на шеријатскиот закон во иднина.
„Се надевам дека примената на оваа казна ќе им послужи како лекција на сторителите и ќе има превентивен ефект, за да не се повторат слични инциденти во иднина“, рече Сапутра.