Куманово, како еден од двата града домаќини на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Македонија, се истакна со исклучителна организација, навременост и целосна посветеност во подготовките. Општината, со несебична поддршка од Македонскиот олимписки комитет (МОК), вложи значителни напори за обезбедување на целосна логистика и организациска поддршка на настанот, вклучително и обука и координација на над 500 волонтери, кои одиграа клучна улога во беспрекорната реализација на фестивалот.
Во Куманово се одржуваа кошаркарските натпревари, како и трките во планински и друмски велосипедизам, дисциплини кои бараа сериозна подготовка на трасите и адаптација на инфраструктурата според европските спортски стандарди. Особено внимание беше посветено на техничко уредување на спортските објекти и патната мрежа, со што градот успешно ги исполни сите предуслови за квалитетно одвивање на натпреварите.
Благодарение на одличната соработка со МОК и силната ангажираност на локалната самоуправа, реализирани беа значајни инвестиции кои не само што го подигнаа нивото на настанот, туку и оставија трајна придобивка за граѓаните на Куманово.
МОК инвестираше 190.000 евра за комплетно реновирање и опремување на 24 апартмани и ресторан во рамки на градскиот пливачки базен, трансформирани од фаза „карабина“ до „клуч на рака“. Секоја соба беше опремена со нов мебел, постелнина и вентилатор, со што објектот доби нов лик и стандард достоен за сместување на младите олимпијци и нивните делегации, а беа реновирани и тоалетите во ученичкиот дом „Проф.Мијалковиќ“, каде беа сместени дел од спортистите.
Паралелно со овие активности, беа направени и други важни интервенции и подобрувања. Со поддршка на локални донатори беше реновирана спортската сала во економското училиште, целосно обновени беа тоалетите, соблекувалните и паркетот, а извршено беше и комплетно бојадисување на внатрешноста.
Според Александар Крстевски, раководител на Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита при Општина Куманово, организацијата на ЕМОФ претставува историски момент и значајна придобивка за градот, но најголемиот и најдолготраен ефект ќе го почувствуваат граѓаните на Куманово, особено младите и спортските клубови.
„За нас беше голема чест и вистинско задоволство да бидеме домаќини на овој престижен европски настан и да го позиционираме Куманово на мапата на водечките спортски центри во Европа. Ова не беше само една спортска манифестација, туку вистинска инвестиција во иднината на нашите млади таленти и спортисти. Новите и обновените спортски капацитети кои ги добивме благодарение на вложувањата од Македонскиот олимписки комитет ќе им обезбедат на младите спортисти модерни услови за тренинг и развој, создавајќи силна основа за нивните идни успеси“, смета Крстевски.
Според него, Куманово преку оваа организација не само што доби важна европска афирмација како гостопримлив и организиран град, туку отвори и врати за идни меѓународни спортски проекти и соработки. „Верувам дека со овие инвестиции и поддршка ќе ги зајакнеме темелите за долгорочен развој на спортот во градот, поттикнувајќи го здравиот начин на живот и охрабрувајќи ги младите да го следат патот на спортистите и да го остварат својот потенцијал. Граѓаните, а особено младите, ќе имаат можност да ги користат овие современи спортски објекти и по завршувањето на фестивалот, што значи дека придобивките ќе бидат трајни и ќе го инспирираат развојот на спортот и рекреацијата во Куманово во годините што следуваат“, заклучи Крстевски.