Општина Куманово, повторно објави јавен повик за набавка на полуподземни контејнери. Со набавката на вакви модерни садови со голем капацитет за складирање на отпад ќе се реши одлагањето на отпадот во централното градско подрачје, информираше кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Првично е планирано да се постават на осум локации во Куманово кои ќе ги утврди Советот на општината.
– Претходно беше објавена јавна набавка, имаше жалби од одредени фирми, крајно транспарентно го поништивме тендерот, дадовме можност за учество на уште поголем број на компании, бидејќи колку е поголема конкуретноста, тогаш и доаѓаме до поквалитетна понуда и пониска цена што е битно за нас-рече Димитриевски.
Позитивните искуства од поставувањето на вакви контејнери Куманово ги црпи од градовите од соседните држави, Србија, Бугарија, Грција. Полуподземните контејнери имаат значителен капацитет за собирање на смет, поедноставни се за одржување и се скратува времето на собирање на сметот со возилата на ЈП „Чистота и Зеленило“, што пак придонесува да не се создава сообраќаен метеж во централното градско подрачје.
– Од моментот кога ќе биде избран понудувачот, се работи за повеќе фирми, тогаш ќе ги набавиме, инсталираме, а ЈП „Чистота и Зеленило“ врз база на одлука на Советот ќе ги утврди локациите, верувам дека проектот успешно ќе заврши, жалам што првата постапка беше неуспешна исто така поради големата конкурентност имаше жалби од одредени фирми во делот на постапката, која ја поништивме и одиме во повторна реализација. Се надевам дека до крајот на годината ќе ја истуркаме докрај, таков е Законот за јавни набавки, мора да го почитуваме-вели Димитриевски.
Средствата за овој проект се предвидени во општинскиот буџет за тековната година. Куманово на почетокот од годинава планираше да набави полуподземни контејнери кои требаше да бидат поставени на повеќе локации во централното градско подрачје, за што беа планирани да се одвојат шест милиони денари. Контејнерите ќе можат да соберат поголема количина на отпад, ќе бидат поставени во земја и ќе има простор за рециклирање.