Светските економии мора да се подготват за незамисливи шокови, предупреди денес управната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, коментирајќи ја војната на Блискиот Исток.
– Доколку конфликтот продолжи, јасно е дека може да влијае на расположението на пазарот, растот и инфлацијата и да создаде нови барања за креаторите на монетарната политика – рече Георгиева на симпозиум во Токио.
Според неа, економските шокови би можеле да следат дури и по завршувањето на конфликтот, па затоа е потребно постојано да се биде буден, објавува Блумберг.
– Во оваа нова глобална средина, размислете за незамисливото и подгответе се за него – рече управната директорка на Меѓународниот монетарен фонд.
Георгиева истакна дека одржливото зголемување на цените на енергијата од 10 проценти во текот на една година би ја зголемило глобалната инфлација за 40 базични поени и би го забавило економскиот раст.
Таа препорача земјите да инвестираат во силни институции и политики што поддржуваат отпорни економии и раст предводен од приватниот сектор, и да го користат расположливиот простор за интервенција кога е потребно.
Георгиева додаде дека Јапонија, која зависи од Блискиот Исток за околу 90 проценти од своите потреби за нафта, сега чувствува дополнителен ризик од стагфлација поради порастот на цените на нафтата и слабиот јен, што би можело да ја принуди владата во Токио да ги зголеми фискалните трошоци.
– Контролирајте ги вашите домашни политики. Подгответе ја вашата економија да се справи со овие шокови што е можно подобро – рече таа.

