Младен Давидовиќ, кој до скоро време ја вршеше функцијата спортски директор на Кошаркарскиот клуб Куманово, од денеска го наследува Виктор Божиновски, кој рано утринава си поднесе оставка од функцијата претседател на клубот.
Божиновски утринава до медиумите испрати писмено соопштение, а ние ви го пренесуваме интегрално:
„Пред 7 години, кога го превземав раководењето со Кошаркарскиот клуб Куманово, се работеше за клуб кој после 9 години пауза во функционирањето и само една сезона одиграна во Втората кошаркарска лига беше шампион и стана нов член на елитното друштво во македонската кошарката. Во овие години, КК Куманово 2009 стана угледен и респектиран клуб, како на македонската, така и на меѓународната кошаркарска сцена. Во овој период КК Куманово 2009 два пати играше финале на Македонската кошаркарска лига, еднаш Финале на Купот на Македонија и еднаш Финале на Балканската БИБЛ лига, успеси кои заслужуваат почит. Секако, веројатно можеше и повеќе и подобро, но сепак од спортски и човечки аспект апсолутно сум задоволен од сите успеси во овие години.
Денес, после се ова, одлучив да поднесам ОСТАВКА од местото Претседател на КК Куманово 2009 од причина што сметам дека го дадов својот максимум на ова место и дека дојде време свој придонес во кошарката да дадат и некои нови ентузијасти во овој спорт. Во наредниот период оваа функција ќе ја извршува г-дин Младен Давидовиќ, досегашниот спортски директор на клубот.
На крајот, сакам да изразам благодарност на сите спонзори кои овие години го помагаа клубот и на главниот покровител на клубот Општина Куманово“, стои во соопштнието на Божиновски.
Барање за негова оставка претходно упатија навивачите од групата Кумани, кои најавија и прекин на бојкотот и веќе во петок повикуваат на масовна поддршка на мечот против МЗТ Скопје кој ќе се игра на домашен терен.