Судот во Иран осуди млад човек и неговата девојка на 10 и пол години затвор, откако објавија видео на социјалните мрежи како танцуваат во близина на плоштадот Азади во Техеран, објави вчера новинската агенција за човекови права (ХРАНА).
Двојката која беше уапсена на 1 ноември минатата година во нивниот дом по објавувањето на видеото е осудена и на двегодишна забрана за користење интернет и напуштање на земјата, пишува Ал Арабија.
Астијаж Хагиги и Амир-Мохамед Ахмади, и двајцата во раните 20-ти години, се обвинети за „ширење корупција и порок“, „собирање и договарање со намера да ја поткопаат националната безбедност“ и ангажирање во антирежимска пропаганда.
Пресудата ја донесе Револуционерниот суд во Техеран на чело со Аболкасем Салавати, озлогласен судија познат по тоа што изрекува строги казни за поединци кои се сметаат за закана за Исламската Република.
Властите се обидоа насилно да ги задушат протестите
Активистите на ХРАНА објавија дека на парот му било одбиено правното застапување во текот на судската постапка, повикувајќи се на извор близок до семејството на Хагиги.
Иранските власти не го коментираа случајот, а пресудата дојде во време кога властите се обидуваат да ги задушат повеќемесечните протести против режимот кои започнаа по смртта на иранската Курдка Махса Амини на 16 септември.
Амини (22) почина набрзо откако беше уапсена од полицијата за морал во Техеран поради наводно непочитување на строгите правила на режимот за носење хиџаб.
Владата се обиде насилно да ги задуши протестите, кои брзо прераснаа во повици за соборување на Исламската Република, што резултираше со смрт на стотици и апсење на илјадници луѓе.
Iran: A 21-y-o couple have been sentenced to 10 years in jail each for dancing at the foot of Tehran’s Azadi (Freedom) Tower, sources close to them tell @nimnia11. Regime is handing out heavy sentences to anyone defying its strict rules. #آستیاژ_حقیقی #امیرمحمد_احمدی #مهسا_امینی pic.twitter.com/F0ahwzJhA1
— Khosro Kalbasi Isfahani (@KhosroKalbasi) January 30, 2023