Судиите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во вторник го осудија водачот на озлогласената суданска милиција Џанџавид на 20 години затвор за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во катастрофалниот конфликт во Дарфур пред повеќе од 20 години.
На сослушувањето минатиот месец, обвинителите побараа доживотна казна затвор за Али Мухамед Али Абд-Ал-Рахман, кој беше осуден во октомври по 27 точки од обвинението за воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучувајќи наредување на масовни егзекуции и претепување на двајца затвореници до смрт со секира во 2003-2004 година.
– Тој ги извршил овие злосторства свесно, намерно и, како што покажуваат доказите, со ентузијазам и моќ – им рече обвинителот Џулијан Николс на судиите на сослушувањето за изрекување на пресудата во ноември.
Абд-Ал-Рахман, 76, стоеше и слушаше, но не покажа никаква реакција додека претседателката на судската седница Џоана Корнер ја изрекуваше пресудата, објавува Ројтерс.

