Кошаркарскиот клуб Куманово, по само еден одигран меч сезонава е казнет со неверојатни 95.000 денари од страна на Македонската кошаркарска федерација поради низа „забелешки“ за организацијата на натпреварот со Работнички.
Делегатот на средбата во својот извештај напишал забелешка дека кумановската публика ги плукала кошаркарите на Работнички, поради што КК Куманово ќе треба да издвои 40.000 денари, 30.000 се за фрлање тврди предмети, а 20.000 за неспортско навивање. Казна има и за фрлање меки предмети, 5.000 денари.
Освен тоа, Управата на КК Куманово е предупредена дека мора да го поправи паркетот во Спортската сала Куманово, во спротивно ќе биде забрането играње во оваа сала.
– Поради лоши услови за играње (лоша состојба на паркетот) гостинската екипа барала да се одложи натпреварот, но со неколку дополнителни разговори и преговори и со потпишување на согласност за играње, натпреварот започнал со десетминутно задоцнување. Паркетот во салата во многу лоша состојба, има пет критични места каде може некој да се повреди и тешко се контролирала топката. Во салата осветлувањето слабо“, пишува меѓу другото во делегатскиот извештај од овој дуел.
Само останува нејасно дали МКФ се запраша некогаш зошто токму во Куманово наидуваат на таков однос? Кумановци не се див народ, освен ако одите против нешто што многу го сакаат и напаѓате без причина. Ќе сфати ли МКФ дека натпреварите не се театар за да има „долично“ навивање? Ќе сфатат ли дека спортот се игра за публиката, а не за нив?