Македонската кошаркарска федерација ги суспендираше кошаркарските клубови Куманово, Кожув, Карпош Соколи и Струмица поради долговите кои овие клубови не ги подмириле.
Како што велат од МКФ дел од клубовите не ја платиле котизацијата за учество во Првата лига, а не биле платени ниту котизациите за странските играчи. Суспензијата го доведува во неизвосност мечот кој утре треба на домашен терен сино-белите да го одиграат против екипата на АВ Охрид.
За Кумановски Муабети од управата рекоа дека се уште е неизвесно дали во текот на денот ќе бидат обезбедени финансиските средства за подмирување на шестоцифрениот долг кој го имаат кон федерацијата.
Доколку долговите не се подмират во текот на денешниот ден, КК Куманово се соочува со службен пораз на утрешниот меч, а тоа значи дека независно дали ќе победи или загуби нема да добие поени во табелата, со што ќе се спушти на понизок ранг. Два службени порази значат крај за настапот на кумановци во првата лига и тие директно ќе бидат префрлени во натпреварувањата во третата кошаркарска лига на Македонија.