Во преполната сала на МКЦ Козјак во Куманово, вчера се одржа мјузиклот „Улица број 12“, заеднички проект на здруженијата „Скил фектори“ и „Перципио“.
Младите учесници приредија топол и емотивен театарски настан кој допре до публиката.
– Направивме нешто заедничко што се вика „Улица број 12“. Децата го спремија со голема љубов, мјузикл кој верувам ќе им ги стопли срцата на сите присутни. Се надевам дека ќе продолжиме со оваа соработка и ќе создадеме уште убави настани“, изјави Никица Јанковски, актер, кој е дел од креативниот тим зад претставата.
Мјузиклот обработува теми поврзани со детските игри од минатото, кои, како што посочи Јанковски, сѐ поретко се гледаат денес поради влијанието на технологијата.
Преку театарската уметност, тие се обидуваат повторно да ги доближат овие спомени и вредности до младите генерации.
Менторката Бојана Кимевска истакна дека главната мисија на Скил фектори и Перципио е едукација и културна еманципација на најмладите.
– Даваме сѐ од себе овие дечиња да ги култивираме. Ако не повеќе, утре барем да бидат верна публика која ќе ја негува оваа уметност, изјави таа.
Кимевска упати порака до публиката со надеж дека „оваа претстава ќе живее долго“ и ќе поттикне нови иницијативи и креативни соработки во културниот живот на Куманово.
Никола Ивановски