Во акцијата во Куманово на 9 мај, министерката Гордана Јанкуловска во еден момент наредила употреба на хеликоптери опремени со запалливи бомби, што е несразмерна употреба на сила и технички средства во урбана средина, тврди поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Митевски, во изјава за порталот Кирилица.
Митевски вели дека акцијата има повеќе сомнителни моменти, и во целите и во реализацијата.
– На 9 мај беше започната акција од страна на МВР за која се испостави дека припадниците на специјалните единици на МВР не биле точно информирани за целта на акцијата (им било кажано дека ќе учествуваат во акција за дрога). Од тие причини на самиот почеток на акцијата погинале тројца припадници на МВР. Од тие причини министерката Јанкулоска наредила употреба на хеликоптери опремени со запалливи бомби, што претставува несразмерна употреба на сила и технички средства. Акцијата по околу 30 часа заврши со 8 загинати полицајци, 40 тешко ранети и голема материјална штета во Дива населба во Куманово – потсетува Митевски.
Според него, нелогични и сомнителни се и постапките што уследија по акцијата. Тој смета дека министерката Јанкуловска веднаш по акцијата морала да формира Комисија за настанот, а раководителот на акцијата, Митко Чавков, требало да биде суспендиран до изготвување на извештај од таа Комисија.
– Наспроти тоа Чавков беше унапреден во министер, а под притисок на доказите на Амбасадата на САД, Јанкулоска и Мијалков си дадоа оставки – потсетува Митевски.
Поранешниот директор на УБК смета дека постојат сериозни основи за сомневање во улогата на структури во безбедносната служби во целата акција. Тој потсетува дека уште на 4 април полицискиот генерал Стојанче Ангелов изнесе информации дека таква акција ќе се случи и тие информации се покажаа точни.
– Ангелов јавно објави информација добиена од припадник на безбедносните служби дека високи државни и партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ дале 2 милиони евра на криминална група која треба да изврши акција во Македонија заради дефокусирање на јавноста од бомбите на Заев. Косовските и српските медиуми ја потврдија информацијата за инволвираност на припадници на УБК и АР во целиот случај. Наводно имало три средби, првата во Александар Палас и две на Косово – открива Митевски за Кирилица.