Американското Министерство за одбрана објави дека соборениот кинески балон, за кој постои сомневање дека е шпионски, бил висок 60 метри и носел товар споредлив со оној на патнички авион.
За споредба, балонот е висок колку зграда од дваесет ката, пренесува Sky News.
Генералот Глен Ван Херк од американското Министерство за одбрана објасни дека токму поради тежината на објектот американската војска претходно не го соборила балонот додека се движел по копно.
„Замислете како големите остатоци од балон со огромна тежина паѓаат од небото“, рече Ван Херк.
САД сè уште ги собираат остатоците од кинескиот балон во близина на брегот на Јужна Каролина, јавува Би-Би-Си.
На 4 февруари, во 19:39 часот по средноевропско време, американскиот борбен авион Ф-22 Раптор собори кинески балон, а Вашингтон се сомнева дека се работи за шпионски балон од Пекинг.
Кина, која тврди дека станува збор за метеоролошки балон, ги критикуваше САД дека го собориле, нарекувајќи го потегот „очигледна претерана реакција што сериозно го нарушува духот на меѓународното право“.