Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска заедно со советникот од Министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ денеска остварија средба со стечајните работници во зградата на поранешен комитет во Куманово.

На средбата стечајците ги изразија своите мислења и проблеми пред надлежните кои изразија желба за решавање на проблемот. Нацрт плановите се веќе изготвени и со мали корекции ќе бидат доставени на разгледување во Владата.

Група стечајци претходно биле на средба во Министерството каде разговарале со Царовска, но сега проблем се јавува со оние работници кои кога останале стечајни работници работеле во приватни компании во одредени временски интервали.
Разговаравме со нив за што поголем опфат за оваа група на граѓани да ги ставиме во новата законска регулатива во наредниот период. Видовме дека основните позиции кои ги договоривме со групата стечајци кои беа кај мене на состанок се истите. Тоа се 5 до 15 одини стаж, 52 години за жени, 55 за мажи, единствено ни се јавува проблем кај опфатот на тие стечајни работници кои што во даден период од нивниот живот имале работа кај приватни компании. Треба да утврдиме колкав период од стажот поминат кај приватни ќе биде вклучен во овој закон или не, многу убава дискусија имавме денеска поразговаравме за сите опции тие имаат широки барања, некои по 7-8 години кои работеле во приванти компании, но заедно со министерот за финансии ќе седнеме, ќе направиме проценки и ќе ја информираме Владата и ќе донесеме конечен став – вели Царовска.
Сепак ветија дека пари за оваа категорија граѓани кои по приватизацијата останаа без работа ќе има веќе со ребалансот на Буџетот.
Министерството за финансии ќе направи се што може да се вклучат во оваа програма и оние лица кои што беа исклучени до сега и веќе во ребалансот што го спремаме за оваа година, за 2017 година, предвидуваме средства за ова, така да предвидено е веќе оваа година да почне да се исплаќаат дополнителни средства за овие луѓе. Нашите проценки се, во тие пресметки што ги правевме, дека станува збор за околу 3.000 лица и тие би ја зимале помошта што и сега им се исплаќа на лицата што изнесува околу 7.600 денари нето, за што се потребни околу 23 милиони денари месечно, значи тоа се околу 400.000 евра месечно, така да тие средства веќе ги планираме за Буџетот за оваа година – вели Бранимир Јовановиќ, советник во Министерството за финансии.
Стечајните работници се задоволни што нивниот статус конечно ќе биде решен и ќе добијат примања до своето пензионирање.
Сега и ние не можеме желботека да бараме, до каде се можностите, ќе гледаме оној максимум да го извлечеме од министерствата и ќе гледаме што повеќе стечајни работници да бидат опфатени. Така да отворено е за разговори за договори, се зависи од Министерството за финансии од каде тие ќе кажат како и што – вели Лилјана Георгиевска, претседател на стечајното здружение „Унит“.
Во обештетувањето ќе бидат опфатени оние стечајни работници кои се регистрирани заклучно крајот на 2016 година. Оние кои оваа година останале технолошки вишок нема да бидат опфатени со овие законски промени.





