Американскиот милијардер Илон Маск смета дека неговата невро-технолошка компанија „Неуралинк“ ќе може во иднина да се справи со шизофренијата и аутизмот.
– Мислам дека „Неуралинк“ најпрво ќе реши многу мозочни заболувања. Ова може да се движи од, да речеме, аутизам до шизофренија и губење на меморија што многумина го доживуваат во одредена возраст. Родителите не можат да ги запомнат имињата на своите деца и тој вид на работи – рече Маск, кој е извршен директор и основач на компанијата.
Целта на „Неуралинк“ е да развие чип со вештачка интелигенција што може да се всади во мозокот на една личност за да ја сними нивната активност и потенцијално да ја стимулира.
Според Бизнис Инсајдер, не е јасно што мислел Маск со тоа што рекол дека „Неуралинк“може да го „реши“ проблемот со аутизмот, затоа што тоа не е болест туку развојно нарушување.
„Аутизмот не е болест и не може да се излечи“, според веб-страницата на британското национално здружение за аутизам, додека Светската здравствена организација ја опишува шизофренијата како „сериозно ментално нарушување“.
Маск ја основа „Неуралинк“ во 2016 година, а за првите неколку години од своето постоење компанијата ја извршуваше својата деловна активност во релативна тајност.
Оваа година, сепак, таа стана повидлива, откако во јули беше објавен документ за дизајнот на мозочниот чип, а Маск објави дека компанијата започнала со тестирање на мајмуни.
Американскиот милијардер, кој исто така е извршен директор на Tesla и SpaceX, рече дека технологијата „Неуралинк“ може да се користи за лекување на невролошки состојби, како што се Алцхајмеровата и Паркинсоновата болест.
„Може да се користи за справување со критично оштетување на мозокот или ‘рбетниот мозок“, рече тој.
Но, крајната цел на Маск е да ја поврзе човечката свест со вештачката интелигенција.
– „Неуралинк“ има за цел да се справи со егзистенцијалниот ризик поврзан со дигиталната надинтелигенција. Нема да можеме да бидеме попаметни од дигиталниот суперкомпјутер, така што, ако не можете да ги победите – придружете им се, заклучува Маск.