Грчката влада следната недела ќе воведе нови ограничувања за оние кои не биле вакцинирани против Ковид 19, изјави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по наглото зголемување на бројот на заразени со коронавирус во последните недели, пренесува Танјуг, повикувајќи се на грчки медиуми.
Од понеделник, 22 ноември, невакцинираните граѓани нема да можат да влезат во сите затворени простори, вклучително и кина, музеи и спортски сали, рече Мицотакис во телевизиско обраќање до нацијата, пренесува грчкиот весник „Катимерини“.
Грчкиот премиер рече дека неговиот план е земјата да има подобар Божиќ во 2021 година од минатата година.
Новите мерки значат дека невакцинираните возрасни повеќе нема да можат да влегуваат во затворени простори со негативен резултат од тестот за КОВИД.
Мицотакис рече и дека потврдата за вакцинација за вакцинирани лица постари од 60 години ќе престане да важи седум месеци по примањето на вакцината.
Така, оваа возрасна група ќе добие еден месец да ја прими третата доза од вакцината.
Премиерот порача и дека невакцинираните верници треба да имаат негативен лабораториски тест, на што веќе повика и Синодот на Грчката православна црква.