Германскиот канцелар Фридрих Мерц и ирскиот премиер Мајкл Мартин го поздравија царинскиот договор меѓу ЕУ и САД во неделата навечер со пораката дека е избегната трговска војна што би влијаела на економиите на двете земји, објавија светските агенции.
Договорот беше постигнат за време на состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во неделата и значи царини од 15 проценти за речиси целиот европски извоз во САД.
Ирска, со својата голема фармацевтска индустрија, беше на првата линија заедно со Германија, за која САД се главен пазар за автомобили, челик и машински алати.
Европските земји не се сите подеднакво изложени на американскиот пазар и затоа не би претрпеле исти последици доколку претседателот Доналд Трамп ги спроведеше своите закани за воведување царини од 30 проценти на Европската унија (ЕУ).
„Со договорот успеавме да спречиме трговски конфликт што силно ќе ја погодеше извозно ориентираната германска економија“, рече Мерц во владино соопштение објавено во неделата навечер.
Ова особено се однесува на автомобилската индустрија, каде што сегашните царински давачки од 27,5 проценти се речиси преполовени, додаде тој, како што објави германската новинска агенција dpa.
Мерц нагласи дека е добро што се избегнува непотребна ескалација во трансатлантските трговски односи.
„Единството на Европската Унија и напорната работа на преговарачите се исплатија“, тврди тој.
Зависност од извозот
Германија, најголемата економија во Европската Унија, е под посебен притисок поради нејзината зависност од извозот.
Таа земја има трговски суфицит со САД од 84,8 милијарди долари, главно благодарение на автомобилската индустрија, хемикалиите, челикот и индустријата за производство на машини, потсетува француската новинска агенција AFP.
САД сочинуваат 23 проценти од приходите на Mercedes Benz. Иако дел од приходите доаѓаат од теренски возила произведени во САД за извоз, постоеше ризик тој сегмент да биде силно погоден ако ЕУ одлучи да возврати во царинска војна.
Мерц рече дека Европа успеала да ги заштити своите основни интереси, дури и ако би сакал да види понатамошно олеснување на трансатлантската трговија.
„Сите имаат корист од стабилни и предвидливи трговски односи со пристап до пазарот за двете страни – од двете страни на Атлантикот, компаниите и потрошувачите.“
Инвестиции на ЕУ во САД
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбаил, исто така, изрази задоволство од договорот, но рече дека е потребно дополнително разјаснување во врска со конкретните последици.
„Секогаш сме се потпирале на договорено решение. Ова сега е постигнато и тоа е добар почеток“, рече Клингбаил, кој е и германски вицеканцелар.
Исходот од преговорите и неговото влијание врз економијата и работните места во Германија сега ќе го оцени федералната влада, рече тој, додавајќи дека е важно Европа да ги брани своите интереси.
Клингбаил нагласи: „Во основа, моето верување останува: Тарифите им штетат на економиите од двете страни на Атлантикот. Ни требаат ниски тарифи и отворени пазари. Ќе продолжиме да се потпираме на добри трговски односи. За ова, ќе изградиме и нови глобални партнерства со САД.“ Тој рече дека конфликтот покажал дека има потреба од поголема независност.
Бернд Ланге, германски социјалдемократ кој раководи со трговскиот комитет на Европскиот парламент, изјави дека царините се неурамнотежени и дека големите инвестиции на ЕУ во САД веројатно ќе бидат на штета на самиот блок, објави британската агенција Ројтерс.