Италијанската премиерка Џорџа Мелони предупреди на можноста за „трговска војна на Западот“, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави царински мерки од 30 проценти за производите на Европската унија (ЕУ).
„Трговската војна на Западот би нè ослабнала сите нас пред глобалните предизвици со кои се соочуваме заедно“, рече Мелони.
Според неа, Европа има економска и финансиска моќ да ја потврди својата позиција и да постигне фер и разумен договор.
„Италија ќе го направи својот дел. Како и секогаш“, додаде италијанската премиерка, додека ЕУ го одложува својот одговор со надеж дека ќе постигне договор.
Во саботата, Трамп објави дека производите увезени во САД од ЕУ и Мексико ќе бидат предмет на царини од 30 проценти почнувајќи од 1 август.
Оттогаш, италијанската опозиција ја критикуваше Мелони и нејзината крајно десничарска партија Браќа на Италија, додека лидерот на Движењето Пет Ѕвезди (M5S), Џузепе Конте, ја обвини дека „се поклонува“ пред заканите од Вашингтон.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Брисел засега нема да возврати поради американските царини за челик и алуминиум, надевајќи се дека ќе постигне договор со кој ќе се избегнат царини од 30 проценти за сите извезени производи.