Италијанската премиерка Џорџа Мелони вчера изјави дека не се согласува со ставот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој се противи на решението за две држави меѓу Израелците и Палестинците.
„Италија секогаш повторуваше дека палестинскиот народ има право на сопствена држава, која е независна и безбедна“, рече Мелони во италијанскиот парламент, пренесува АП.
Според неа, тоа е „праведно и неопходно решение“ кое е во интерес на двата народа.
„Поради оваа причина, не ја делам позицијата на израелскиот премиер“, посочи Мелони.
Сепак, таа додаде дека предуслов за тоа е палестинското признавање на правото на постоење на еврејската држава и правото на нејзините граѓани да живеат во мир и безбедност.
Одбивањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да прифати палестинска држава во кое било повоено сценарио доведе до јаз со најблискиот сојузник на Израел, САД, кои велат дека војната мора да доведе до преговори за решение со две држави, според американската агенција.