Италијанската влада се обврза да го прошири капацитетот на затворите за 15.000 места, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Нејзината влада откри план од 758 милиони евра за проширување на капацитетот на затворите за речиси 10.000 места до 2027 година, со посебна иницијатива за создавање дополнителни 5.000 места во рок од пет години, за што не е утврден буџет, објавува Анса.
„Веруваме дека една праведна држава треба да го прилагоди капацитетот на затворот на бројот на луѓе кои треба да ги издржат своите казни“, рече Мелони.
Исто така, беше усвоен и законски предлог-закон кој ќе бара парламентарно одобрување за да им се овозможи на значителен број затвореници со проблеми со зависност од алкохол или дрога да го напуштат затворот и да ги издржуваат своите казни во центри за рехабилитација.
„Ова се луѓе на кои им е потребен третман, а не криминалци на кои им е потребна казна“, изјави министерот за правда Карло Нордио, истакнувајќи дека затворениците со проблеми со зависност сочинуваат речиси една третина од затворската популација, објавува Танјуг.
Според податоците на италијанското Министерство за правда, во Италија, на 15 јули оваа година, во затворите имало 62.986 лица, додека затворите имаат капацитет од 47.289 места. Тоа и дава на Италија стапка на исполнетост од околу 133 проценти.