Нелегалниот прилив на мигранти им штети на сите земји во Медитеранот, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони, обидувајќи се да создаде широк сојуз на земји во борбата против трговијата со луѓе.
Обидувајќи се да ја ублажи својата претходна тврдокорна реторика, Мелони рече дека нејзината влада е отворена да прими поголем број мигранти, но преку легални канали, бидејќи „имиграцијата им е потребна и на Европа и на Италија“.
Таа посочи дека треба да се направи повеќе за да се спречат мигрантите да се обидат да ја минат опасната медитеранска рута преку илегални патишта.
„Масовната илегална имиграција ни штети на сите нас. Никој нема корист од тоа, освен криминалните групи кои се збогатуваат на сметка на најранливите и ја користат својата моќ дури и против владите“, наведува Хина, цитирана од Ројтерс.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја повтори и ја истакна изјавата на Џорџија Мелони за легалните патишта за мигрантите кои се обидуваат да стигнат до земјите на ЕУ.
Италија би можела да искористи дополнителна работна сила
ЕУ и Тунис, главната појдовна точка за мигрантите, минатата недела потпишаа договор за „стратешко партнерство“ кое вклучува и клаузула за борба против трговците со луѓе и за заострување на граничните мерки.
Европа му вети на Тунис, чија економија е во лоша состојба, помош во износ од една милијарда евра, а дополнителни 100 милиони евра се наменети за борба против илегалната миграција.
Италија постојано се бори со бројните илегални мигранти кои пристигнуваат на италијанските брегови во прифатните центри како што е најјужниот италијански остров Лампедуза.
Во исто време, населението на Италија старее, а бројот на раѓања се намалува, па дополнителна работна сила би била корисна за да и помогне на економијата на земјата.