Најмалку 12 осомничени криминалци се убиени на автопат во близина на Хермосило во северната мексиканска држава Сонора, изјави во неделата портпаролот на обвинителството, по извештаите дека членови на нарко картел се обиделе да го ослободат приведениот син на еден од нив.
Седум лица успеале да побегнат, а некои од нив најверојатно се ранети, се наведува во соопштението на државното обвинителство на Сонора.
Портпаролот на обвинителството потврди за Ројтерс дека загинале 12 лица.
Двајца припадници на безбедносните служби биле пренесени во болница откако биле ранети во вкрстен оган, но сега се во стабилна состојба, се додава во соопштението.
Канцеларијата на државниот обвинител соопшти дека групата била осомничена дека се обидела да го спаси синот на Хесус Умберто Лимон, осомничен убиец кој работел за фракција на картелот Синалоа, предводена од синовите на озлогласениот Хоакин „Ел Чапо“ Гузман.
Синот на Лимон, Карлос Умберто, неколку минути претходно бил приведен во саботата во Камино дел Серио, по што безбедносните сили биле нападнати на автопатот, но успеале да го одбијат нападот и заплениле оружје, шест комбиња и значително количество муниција, пренесува Танјуг.