На градскиот плоштад во Куманово на 23 и 24 август ќе се одржи 15 Меѓународен тамбурашки фестивал, најавија на денешната прес-конференција надлежните од општината.
Годинава, на двете фестивалски вечери ќе настапат осум оркестри од државата и од регионот, меѓу нив и врвниот гитарист Влатко Стефановски. Фестивалот го орагнизира Фондацијата за култура и спорт со поддршка на градоначалникот, советот на општината и Министерството за култура.
– Во рамки на програмата за одбележување пет века постоење на Куманово, тамбурашкиот фестивал зазема значајно место. Сите да излеземе заедно на градскиот плоштад и да уживаме во звуците на тамбурата, повика градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Во петокот фестивалот ќе го отворат „Кумановски тамбураши“, со вокалните солисти Сандра Милковска и Нино Величковски, „Велос“ од Нови Сад, „Пљевља“ со солистката Тања Шетер, од Црна Гора, ќе настапи и големиот тамбурашки оркестар на радио телевизија Војводина, а гостин ќе биде и Биљана Крстиќ.
На втората вечер во сабота концертот ќе одржи „Трио гранде“ од Кавадарци, потоа „Хрватски дом Велс“ од Австрија“, „Тамбурашката Школа Баторек“ од Осијек, а фестивалот ќе го затвори гитаристот Влатко Стефановски – трио и мандолинскиот оркестар Скопје.
Овој фестивал, смета директорот на Фондацијата за култура и спорт, Нино Величковски, се етаблираше во еден од најреномираните на Балканот. Досега, учествувале над 100 тамбурашки оркестри со повеќе од 400-тини изведувачи.
Во предвечерието на фестивалот во кумановскиот центар „Трајко Прокопиев“ постхумно во чест на Драгомир Шојиќ ќе биде поставена фотографската изложба, воедно ќе биде промовирана книгата „Тамбурата на Шојиќ“ од Јордан Пачков. Во сабота напладне ќе биде промовирана и песна за Шојиќ, кој остави голем белег на кумановската и македонската музичка сцена.
За организација на фестивалот одвоени се 850.000 денари. Надлежните аплеираа за поголема поддршка од Министерството за култура за наредните години.