Меѓународен симпозиум за германската драма и театар во Куманово

Сподели со своите пријатели

Свечената сала во Занатскиот дом Куманово во петок со почеток во 19:30 часот ќе биде домаќин на Меѓународниот симпозиум за германската драма и театар во Република Македонија, во рамките на проектот Европската драма и театар во Република Македонија.

Настанот е во организација на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕФТТА, Амбасадата на Република Германија и Општина Куманово, а за сите пристуни ќе биде понудена богата програма.

Свое обраќање се очекува да имаат: Јордан Плевнеш, ректор на Универзитетот ЕФТТА, Зоран Дамјановски, градоначaлник на Куманово, д-р Кристине Д. Алтхаузер, амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија, а ќе биде изведена и Песна за Шилер и Гете во интерпретација на  Нино Величковски и „Наши тамбураши“. Свое обраќање пред присутните кумановци ќе имаат и Емилија Бојковска- Томовска – шеф на Катедрата за Германски јазик и литература на Филолошкиот факултет при УКИМ – Скопје, како и специјалниот гостин на церемонијата Брајан Мајклс, професор на Фолкфанг универзитетот во Есен, Германија.

Ќе биде промовирана и антологија на германската драма во Република Македонија од Христо Петревски, антологија на современа германска драма од Тодор Кузманов, а Ристе Стефановски ќе биде прогласен за доајен на македонскиот театар за почесен професор на Универзитетот.

Во рамките на богатата уметничка програма ќе биде поставена фото проекција на најиграните германски автори во Македонија пропратена со звукот на класична гитара на Томислав Нешковски, а ќе биде презентирано и сценариото за краткиот игран филм „Фауст во Ц мол“ од Огнен Неделковски во кој улогите ги толкуваат Роберт Ристов – Фауст , Димитрина Мицкоска- Маргарета и Мона Мустафа- Мефисто. Уметнички координатор на проектот е проф. Мимоза Раил. Програмата ќе биде збогатена со мнолог од Георг Бихнер и сонгови од Бертолт Брехт, а исполнета со студентите од класата на проф. Мето Јовановски.

 

Loading...