Меѓународен натпревар во планински велосипедизам утре во Куманово

Сподели со своите пријатели

Осумдесетина велосипедисти од Македонија, Србија, Бугарија и Грција утре ќе ја совладуваат патеката на локалитетот Студена вода во Куманово во рамките на Меѓународниот натпревар во планински велосипедизам.

Натрепварите за хобистите започнуваат во 11 часот, а еден час подоцна, точно напладне стартуваат натпреварите за професионалните планински велосипедисти кои ќе се натпреваруваат во повеќе категории.

– Велосипедистите ќе учествуваат во повеќе категории, елит мажи, елит жени, јуниори, кадети, мастерс и хобисти. Ние очекуваме дека ќе има повеќе од 80 велосипедисти од сите категории. Должината на патеката е 3,5 километри со совладување на надморска височина од 185 метри за еден круг. Мажите елит ќе возат шест круга, жените елит ќе возат пет круга. Сите велосипедисти ќе се појават неколку пати на стартно целната рамнина каде што публиката ќе може да ги види.

Според велосипедистот Нацевски ова е прв пат Куманово да биде домаќин на ваков спортски настан, па затоа организаторите очекуваат поголемо присуство на публиката.

– Вакви настани секоја година се случуваат, но за прв пат сега во Куманово. Целта на настанот е бодување за ранг листа за најдобри планински велосипедисти при Велосипедската федерација на Македонија и затоа сите членови на федерацијата кои се натпреваруваат во планински велосипедизам ќе присуствуваат на настанот и ќе имаме дополнително гости од Србија и Грција.

Патеката на Студена вода е подготвена и целосно обележана, а публиката може слободно да се движи од страна на истата, да навива и да ги бодри своите велосипедисти.

Организатор и домаќин на спортскиот хепенинг е Планинскиот велосипедски клуб Оксиџен од Скопје.

Leave a Reply