Бројот на деца загинати во стампедо по фудбалски натпревар во Индонезија викендов се зголеми од 17 на 32, соопшти владин претставник.
Децата биле на возраст од 3 до 17 години, изјави претставник од Министерството за зајакнување на жените и заштита на децата.
Досега загинаа вкупно 125 лица.
Насилството и хулиганството долго време го мачат индонезискиот фудбал, особено на места како главниот град Џакарта, но катастрофата во саботата во мал јавански град го стави проблемот во центарот на вниманието.
Бројот на жртвите сепак може да се зголеми
„Моето семејство и јас не мислевме дека ќе испадне вака“, рече Енда Вахјуни, постарата сестра на двете момчиња Ахмад Кахи (15) и Мухамад Фарел (14), кои загинаа во толпата.
„Тие го сакаа фудбалот, но никогаш не ја гледаа Арема во живо на стадионот Канџурухан, ова им беше прв пат“, додаде таа на погребот на нејзините браќа, мислејќи на домашниот тим за кој навиваа.
Момчињата се меѓу 32-те деца кои загинаа, објави државната новинска агенција Антара.
Директорот на една од болниците каде се пренесени повредените изјави дека некои од жртвите се здобиле со повреди на мозокот и дека меѓу загинатите има и петгодишно дете.
Бројот на жртви би можел да продолжи да расте.
Фудбалска трагедија
Индонезискиот дневен весник „Коран Темпо“ денеска излезе со црна насловна страна на која во средината со црвени букви е испишана „Нашата фудбалска трагедија“, а под неа е списокот на загинатите.
Инцидентот е мрачен ден за сите инволвирани, објави ФИФА, чадорот на светската фудбалска организација и ги повика индонезиските фудбалски власти да го пријават инцидентот.
ФИФА во своите безбедносни прописи наведува дека полицијата не смее да користи оружје или гас за контрола на толпата.
Полицијата и спортските службеници беа испратени во Маланг за да го истражат инцидентот, кој е рангиран меѓу најсмртоносните несреќи на стадионите во светот.
Имало повеќе луѓе на стадионот отколку што можел да собере?
„Сите одговорни треба да одговараат за таа катастрофа, без разлика на нивниот статус или позиција“, рече Фил Робертсон, заменик директор на „Хјуман рајтс воч“ со седиште во Њујорк.
„Не е доволно националната полиција и Фудбалската асоцијација на Индонезија да спроведат сопствена истрага бидејќи може да бидат во искушение да ја намалат или поткопаат целосната одговорност на вклучените официјални лица“, додаде тој во изјавата.
Индонезискиот огранок на Амнести интернешнал остро ги осуди безбедносните мерки и рече дека воопшто не може да се оправда тоа што државата користи прекумерна сила за да ги задржи и контролира таквите толпи.
Министерот за безбедност на Индонезија тврдеше дека стадионот е исполнет над неговиот капацитет.
Тој напиша дека се издадени 42.000 билети за стадион кој може да прими само 38.000 луѓе.