Соединетите Американски Држави практично водат целосна војна со Русија и сакаат стратешки пораз за Москва, изјави денеска заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев, коментирајќи ги зборовите на американскиот претседател Џозеф Бајден дека САД е подготвен за преговори со Русија, Кина и Северна Кореја за намалување на нуклеарното оружје без предуслови.
„Бајден, за да му помогне на својот глупав штитеник, рече дека е подготвен за преговори за намалување на стратешките нуклеарни сили без предуслови. Уште една грубост на Американците. Размислете за тоа: САД водат речиси целосна (и во никој случај хибридна) војна со нас и сакаат нашата земја да биде стратешки поразена. Затоа, преговорите за СТАРТ со Америка не се покорисни од преговорите за примирје со Хитлер во 1945 година“, напиша Медведев на својот канал Телеграм, пренесува РИА Новости.
Бајден претходно изјави дека светот треба да се залага за целосно елиминирање на нуклеарниот арсенал, а ја потврди и подготвеноста на САД да преговараат со Русија, Кина и Северна Кореја во оваа насока.
Сепак, според руската агенција, Бајден „молчел“ за значителните трошоци на американската влада за развојот и зајакнувањето на сопствената нуклеарна тријада.