Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Рускиот совет за безбедност и поранешен претседател на Русија, утрово на Телеграм ја објави првата реакција на Москва на средбата меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп во Алјаска.
Според него, средбата се одржала мирно и без закани или ултиматуми, а „целосен механизам за состаноци меѓу Русија и САД на највисоко ниво“ бил обновен.
Кремљ: Путин ги претставил условите за завршување на војната
Медведев тврди дека рускиот претседател лично и детално му ги претставил на американскиот претседател условите на Русија за завршување на војната во Украина.
По речиси тричасовен разговор, како што наведува, Трамп се согласил засега да не го зголемува притисокот врз Русија.
Преговори во екот на војната
Тој особено нагласи дека, според гледна точка на Русија, средбата покажала дека преговорите се можни дури и без никакви предуслови и паралелно со продолжувањето на она што Москва го нарекува „специјална воена операција“.
Префрлање на одговорноста врз Киев и Европа
„Од клучно значење е двете страни директно да ја префрлат одговорноста за идниот исход од преговорите за прекин на непријателствата врз Киев и Европа“, напиша Медведев.