Заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност и поранешен претседател на Русија, Дмитриј Медведев, ги нарече уредниците на британскиот весник Тајмс за легитимни воени цели како одговор на известувањето на тој весник за убиството на рускиот генерал Игор Кирилов во Москва.
Острите коментари на Медведев следеа по едиторијалот во кој убиството се опишува како легитимен чин на самоодбрана на Украина, пишува Гардијан.
„Оние кои вршат злосторства против Русија… секогаш имаат соучесници. И тие сега се легитимни воени цели. Во таа категорија можат да се вбројат и бедните чакали од Тајмс, кои кукавички се сокриле зад нивната редакција. Тоа значи целото раководство на тој весник“, напиша Медведев на Телеграм.
Во прикриена закана, поранешниот претседател, познат по своите воинствени ставови, додаде дека новинарите на Тајмс треба „да бидат внимателни“ бидејќи „во Лондон се е можно“.
Одговарајќи на соопштението на Медведев, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами напиша на платформата X дека неговата гангстерска закана за новинарите на Тајмс мириса на очај.
„Нашите медиуми ги претставуваат најдобрите британски вредности – слобода, демократија и независно размислување“, напиша Лами покрај неговата фотографија како чита Тајмс.
На прашањето за коментарите на Медведев, портпаролот на британскиот премиер рече дека тие се последната во серијата очајни реторики кои доаѓаат од владата на Путин.
„За разлика од Русија, слободните медиуми се темелот на нашата демократија и ние ги сфаќаме сите закани кои доаѓаат од Русија крајно сериозно“, истакна тој.
Медведев, кој во 2008 година се претстави како либерален реформатор кој ветува модернизација и демократизација, се трансформираше во еден од најгласните руски застапници за војна.
Тој сега е најпознат по неговите вирулентни антизападни тиради на Телеграм, што некои набљудувачи го гледаат како очајнички обид да се задржи политичката важност.
Сепак, тој останува истакнат човек од доверба на Путин и неодамна отпатува во Пекинг на разговори со кинескиот претседател Си Џинпинг, еден од клучните сојузници на Русија.
Од почетокот на руската инвазија, Москва им забрани влез во земјата на десетици британски новинари, претставници на медиумите и високи британски политичари.