Ноември е дефинитивно машки месец. Од 1999 година, 19 ноември се одбележува како Меѓународен ден на мажите, а овој месец е посветен на движењето „Movember“.
Тоа е движење што се појави во Австралија во 2003 година како предизвик за пуштање мустаќи и брада за поддршка и свесност за машките болести.
Многу брзо, Movember прерасна во глобална здравствена акција насочена кон рано дијагностицирање на што повеќе болести кои влијаат на машката популација, како рак на простата, рак на тестисите и други проблеми кои влијаат на менталното здравје на мажите.
Симптоми и третман на рак на простата
Ракот на простата е втора водечка причина за смрт кај мажите по рак на белите дробови, со 358.000 смртни случаи низ целиот свет годишно. Животниот ризик од рак на простата е близу три проценти.
Оваа болест најчесто се јавува кај пациенти на возраст меѓу 65 и 75 години, а доста ретко се јавува кај пациенти под 40 години.
Покрај годините, факторите на ризик вклучуваат семејна предиспозиција и начинот на исхраната. Мажите кои имаат близок роднина (татко или брат) со рак на простата имаат поголема веројатност да ја развијат болеста.
Токму во овој месец мажите се охрабруваат да зборуваат за своите здравствени проблеми со своите најблиски, особено за да бидат во чекор со семејната историја.
Како што напредува болеста, се појавуваат и симптоми како што се потешкотии при мокрење, чести мокрења, чувство на нецелосно празнење, болка при мокрење и ејакулација, појава на крв во урината или спермата и импотенција.
Понекогаш првиот симптом е болка во коските, што веќе е знак на напредна болест, односно метастатска болест. Сепак, важно е да се нагласи дека овие симптоми се јавуваат и кај други заболувања на долниот уринарен тракт, како што е бенигнато зголемување на простатата, поради што почетокот на овие симптоми бара проценка на уролог.
Третманот за рак на простата зависи од фазата на болеста, возраста на пациентот и општата состојба на организмот.