Едно лице загина, а 13 други беа повредени, вклучувајќи осум деца, откако беа погодени од гром во американската држава Њу Џерси во среда, соопштија властите.
Громот удрил во близина на група луѓе на стрелиштето „Блек Најт Боубендерс“, популарно место за активности и настани во заедницата, изјави градоначалникот на општина Џексон, Мајкл Реина.
Полицијата на општина Џексон добила повик кратко по 19 часот во кој се пријавува дека повеќе лица биле погодени од гром.
Еден маж морал да биде реанимиран, а многумина останале во несвест.
Маж (61), кого градоначалникот го идентификувал како инструктор, починал како последица на повредите.
Властите сè уште собираат податоци пред официјалното објавување на неговиот идентитет, рече градоначалникот.
Сè уште не е познато дали човекот кој бил реанимиран е и лицето кое починало.
Повредите се движат од изгореници до општи тегоби и чувство на слабост, според соопштението на полицијата, пренесува ABC News.
Сите биле пренесени во блиските болници.
„Ова е ужасна трагедија“, рече Реина.
„Моите мисли и молитви се со семејството на починатиот и сите повредени. Тешко е да се разбере што се случи“.
Голем дел од северозападниот и централниот дел на Њу Џерси беше под предупредувања за поплави, а се очекуваа обилни поројни дождови по смртоносната бура претходно оваа недела.
Ова беше дванаесеттата жртва од удар од гром во САД оваа година.