Маж од Пенсилванија е обвинет за кражба откако кај него биле пронајдени повеќе од 100 човечки черепи и други остатоци.
Џонатан Герлах (34) бил уапсен на гробиштата Маунт Морија во предградието на Филаделфија додека носел торба со мумифицирани остатоци од деца и неколку черепи, пишува Скај њуз.
Потоа, полицијата открила бројни долги коски, мумифицирани раце и стапала, распаѓачки тела и коскени предмети во домот на Џонатан Герлах и во складиштето што го поседувал.
„Беа во различни состојби. Некои беа обесени. Некои беа составени, а некои беа само черепи на полица“, изјави окружниот обвинител на округот Делавер, Танер Раус.
Истрагата е започната по серија провали на гробиштата Маунт Морија, кои се протегаат на 160 хектари и содржат околу 150.000 гробови.
Полицијата тврди дека Герлах намерно провалувал во антички мавзолеи и подземни гробници, оштетувајќи камени плочи за да стигне до остатоците.
Тој бил уапсен со лопатка во рацете
Властите соопштија дека пронашле и накит за кој се верува дека е поврзан со гробовите, а во еден случај, пејсмејкер сè уште бил прикачен на останките.
Мотивот зад кражбата на останките, од кои некои се стари стотици години, засега е нејасен.
Герлах бил уапсен пред три дена со лопатка, а според судските документи, тој признал дека украл приближно 30 „сетови“ човечки останки.
Тој се соочува со 300 обвиненија за кражба, примање украден имот и злоупотреба на труп.
Тој беше обвинет и за десетици дополнителни обвиненија за сквернавење на јавен споменик, почитуван предмет и историско гробно место.
Властите беа информирани за сквернавењето на гробовите од непрофитно здружение кое работи на зачувување на гробиштата, потврди градоначалникот на Једон, Рохан Хепкинс.

