Масовно ширење на јавен (не)морал

Сподели со своите пријатели

Политичкиот, општествениот и приватниот живот на граѓаните на Македонија се повеќе е во канџите на таблоидните листови на жолтата штампа и ТВ-каналите со национални фреквенции.

Системски се води кампања за вовлекување на голем дел од граѓанството во содржините кои се надвор од реалниот живот. Битката меѓу телевизиите е кој да дојде до подобро реално шоу кое делува како условен рефлекс со постојана потреба на следење на содржина без морално двоумење. Се создава слика на Македонија како некоја бајка во која има залутано некој Пинокио кој не тргал во школо, туку во светот на забавата. Духовната слабост е наседнување на некој трач, негово ширење и давење во културниот талог на јавниот неморал.

Сето ова неминовно остава видни рани на здравото општествено ткиво. Преку таблоидната јавност се шири и политичка порака дека вредностите не се битни во политиката, туку честото појавување, евтина и примитивна политичка реторика. Сите тие содржини на реалните шоуа кои се емитуваат на националните ТВ-станици носат во себе длабока отровна и катастрофална порака.

Присуството на таблоидните политички војни на највулгарен начин го понижуваат демократскиот поредок во Македонија претварајќи го во форма на говор на омраза. Сите овие програми се подржани од политичките и тајкунските структури како вид на јавна забава и структуралната промена на свеста. Зад ова стојат големи добивки, но и влијание на јавното мислење и однесување на широките слоеви на општеството.

Уште полоша е ситуацијата со синхронизираните ТВ-серии. Малолетната публика слуша реченици како „Проклети да сте“ или „Господ ќе ве казни“, па не е ни големо чудо што денешните тинејџери имаат такво недолично однесување. Но за тоа во некоја друга прилика…

Пишува: Емил Ташевски – Дипломиран Инженер по Информатика