Физичка пресметка вчера се одиграла во спортската сала на СОУ „Перо Наков“ во Куманово меѓу ученици од Липково и Куманово.
Полицијата вчера повикала 11 лица на информативен разговор.
– На 01.11.2022 во Полициската станица Куманово бил извршен службен разговор со 11 лица од општина Липково во врска со физичка пресметка што се случила околу 13.15 часот во спортска сала на средно општинско училиште „Перо Наков“ во Куманово, информираат од Секторот за внатрешни работи Куманово.
Физичката пресметка се случила по завршување на фудбалски натпревар помеѓу ученици од две средни училишта од општина Липково и општина Куманово.
Според пријавеното, физичката пресметка започнала по завршување на натпреварот помеѓу членови на двете екипи, по што се вклучиле и повеќе лица од публиката.
СВР Куманово презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.
Никола Ивановски