Пет лица беа застрелани во станбена зграда во предградие на Торонто пред осомничениот напаѓач да биде убиен од полицијата, соопштија канадските власти.
Шефот на регионалната полиција објави дека инцидентот се случил во неделата вечерта во стан во градот Вон, Онтарио, и дека еден од неговите полицајци кој интервенирал пукал и го убил осомничениот, пренесува АП.
Тој рече дека напаѓачот пред тоа убил пет лица, дека во ова пукање уште едно е рането и дека таа е во болница, но дека нејзиниот живот не е загрозен.
Исто така, беше објавено дека сѐ уште не се знае дали напаѓачот, кој полицијата не го идентификуваше, бил жител на зградата во која се случил инцидентот и дека истрагата е во тек.
Масовните убиства и престрелки не се чести во Канада, а Торонто долго време се смета за еден од најбезбедните големи градови во светот.