Одделот за владина ефикасност на американскиот претседател Доналд Трамп беше само „донекаде успешен“, рече извршниот директор на Тесла, Елон Маск, во подкаст во вторник, додавајќи дека нема повторно да го води проектот.
Милијардерот, основач на компанијата за електрични автомобили Тесла, беше главен донатор на претседателската кампања на Трамп и стана близок сојузник и советник на неговата администрација.
Маск го водеше тимот DOGE во обид да го намали буџетот и работната сила на федералната влада во текот на првите пет месеци од вториот мандат на Трамп.
Но, неговата улога и политичката реторика предизвикаа противење кон него и Тесла, вклучително и вандализмот на автомобилите Тесла.
– Мислам дека наместо да го водам DOGE, едноставно би работел на моите компании – рече Маск во подкаст со Кејти Милер, поранешна функционерка на администрацијата на Трамп.
– Бевме донекаде успешни. Донекаде успешни. Запревме многу финансирање што навистина немаше никаква смисла, тоа беше целосно расипничко“, рече Маск.
На прашањето дали повторно ќе се врати да го води DOGE, Маск рече: „Не, не мислам така“.
Работата на Маск за DOGE, исто така, предизвика загриженост кај инвеститорите дека тој не обрнува доволно внимание на Тесла во време кога компанијата се соочува со пад на продажбата.
Маск и Трамп имаа горчлив јавен спор околу сеопфатниот закон за даноци и трошоци на претседателот кон средината на годината. Но, имаше некои знаци на помирување.
DOGE е распуштен, а остануваат уште осум месеци од неговиот мандат, изјави директорот на Канцеларијата за управување со персонал, Скот Купор, за Ројтерс претходно овој месец.
DOGE тврдеше дека намалил десетици милијарди долари трошоци, но надворешни финансиски експерти не можеа да го потврдат ова бидејќи единицата не доставила детален јавен извештај за својата работа.

