Четири лица загинаа, а осум се ранети во бар во источна Јужна Африка, откако двајца мажи случајно отвориле оган врз гостите, истата ноќ кога 15 лица беа убиени во пукање во бар во предградието на Јоханесбург, Совето.
Според соопштението, полицијата се обидува да провери дали нападите се поврзани, забележувајќи ја нивната сличност, објави Гардијан.
„Во градот Питермарицбург во провинцијата КваЗулу-Натал во саботата вечерта, двајца мажи влегле во бар и пукале по случаен избор кон гостите пред да избегаат“, изјави портпаролот на локалната полиција Нкобиле Гвала.
Како што рече, биле погодени вкупно 12 лица, две лица биле констатирани мртви на лице место, а уште две починале во болница.
„Уште осум лица се уште се во болница откако се здобија со повреди“, рече Гвала.
Жртвите биле на возраст меѓу 30 и 45 години.
Нападот се случил во бар во полурурална област, која е на 20 километри од Питермарицбург на истокот на земјата.
Градоначалникот на градот, Мзимкулу Тебола, рече дека нападот бил брз, без грабежи, вербални конфронтации или тепачки.
Во предградието на Јоханесбург Совето, неколку часа подоцна, вооружени напаѓачи убиле 15 лица, а раниле уште девет во еден бар.
Според очевидци, и жртвите биле пукани по случаен избор.
Напаѓачите потоа побегнале од местото на настанот со бел минибус, а мотивот за нападот сѐ уште не е утврден, се вели во соопштението на полицијата.
Жртвите се на возраст од 19 до 35 години, а по напаѓачите сѐ уште се трага.