Марковски: Oваа година би сакал да одиме чекор напред во домашното првенство

Сподели со своите пријатели

Горјан Марковски е еден од кошаркарите кој прв стави потпис годинава за нова сезона во дресот на Кошаркарскиот клуб Куманово. Својата кариера ја започнува најпрвин во Работнички, има настапувано и за МЗТ, Ангели, Торус и Фени Индустри.

Loading...

Минатата сезона, која беше прекината, со оглед на пандемијата на коронавирусот, Марковски забележа одлични резултати во сино-белиот дрес.

„Новата нормалност“ по вирусот носи нови предизвици за сите, па така и за кошаркарите, а тоа беше и тема на нашиот разговор со овој перспективан играч на КК Куманово.

КМ: И оваа сезона ќе бидеш во тимот на Куманово, какви се очекувањата со оглед дека условите за натпреварување оваа година ќе бидат малку поинакви со оглед на пандемијата?

Марковски: Се наоѓаме среде пандемија со сериозен вирус, којшто тотално го смени начинот на живот и функционирање на целиот свет, вклучувајќи ја и кошарката. Секако дека условите за натпреварување ќе бидат поинакви, но ќе мораме да се прилагодуваме сите спортисти, особено во екипните спортови. Се надевам дека ќе има насоки од Светската здравствена организација, како и од Министерството за здравство, се со цел сите да останеме здрави и безбедни, бидејќи тоа е најважно.

 

https://www.instagram.com/p/B7wbbumpPpo/

 

Loading...

КМ: Ќе биде ли тешко да се игра пред празни трибини?

Марковски: Секако дека ќе биде необично да се игра пред празни трибини, но ќе мораме да се навикнеме додека не се стабилизира ситуацијата со вирусот и да се врати животот во нормала, а со тоа и да се игра пред полни трибини, бидејќи секој спорт на крајот на денот се игра за публиката.

КМ: Минатата сезона Петровиќ, сега Мирковски на тренерската позиција. Ќе имате ли доволно време за подготовки?

Марковски: Со оглед на големата пауза што ја имаме во кошарката, верувам дека секој играч паметно го искористил „карантинот“ и работел на своите недостатоци во домашни услови. Со новиот тренер Мирковски досега немам соработувано, но се работи за млад и амбициозен тренер кој има визија за модерна и брза кошарка и се надевам дека во подготвителниот период екипата пред се би се спремила физички и би се направила добра „хемија“, која е клучна за воигрување на една екипа.

КМ: Ситуацијата со пандемијата ги смени сите аспекти на нашите животи, па и на вашите тренинзи. Како успеваше да останеш во форма во текот на долгите карантини и полициски часови?

Марковски: За време на карантините и полициските часови имавме премногу слободно време кое секогаш сме го барале во тек на една сезона. Имав можност да посветам повеќе внимание на моите недостатоци и маани, секако во домашни услови. Со отворањето на фитнес центрите неодамна е многу полесно за тренинг.

 

https://www.instagram.com/p/B5yZ4x_JeEY/

Loading...

 

КМ: Куманово годинава ќе има еден малку поинаков состав, две странски засилувања, нов тренер, но сепак акцентот е на младите кошаркари, сметаш ли дека тоа е предност или маана во македонската лига?

Марковски: Според мене, една млада екипа треба да биде предизвик за еден тренер. Свесни сме дека од секој тренер се бара успех, па затоа ретко кој се осудува да се базира на млади играчи, меѓутоа сегашните млади кошаркари на КК Куманово веќе неколку сезони имаат искуство со играње во првата лига и со помош на странските играчи ќе бидеме конкурентен тим во првенството.

КМ: Сметаш ли дека како спортисти добивте соодветна помош од државата, со оглед дека сезоната беше прекината, а со тоа веројатно и вашиот извор на приходи?

Марковски: Сите сме свесни дека моменталната ситуација не е сјајна од финансиски аспект и ќе има големи последици. Го почитувам потегот што Агенцијата за млади и спорт дава финансиска помош и поддршка за сите спортисти во Македонија, но мора да се најде заеднички јазик меѓу клубовите и здруженијата на играчи во сите спортови, каде што двете страни би биле задоволни. Ние како Здружение на играчи, излеговме со барања до клубовите каде што се согласуваме на одредено намалување на платите за месеците април и мај, сепак и клубовите треба да бидат свесни дека сите играчи живеат од тоа и хранат семејства.

 

https://www.instagram.com/p/B5yQ4KqJxHM/

 

Loading...

КМ: Во однос на минатата сезона што би сакал да се промени годинава?

Марковски: Пред се би сакал да се врати публиката и навивачката група Кумани, кои отсекогаш биле шестиот играч на Куманово, се разбира доколку има услови за такво нешто со моменталната ситуација со вирусот Ковид 19. Во однос на минатата сезона која не заврши, но влеговме во најдобрите шест екипи во првата лига, оваа година би сакал да одиме чекор напред како во домашното првенство, така и во Купот на Македонија. Неофицијално Куманово се враќа и во Балканската лига, со што ќе имаме повеќе натпревари во текот на сезоната и ќе ни биде полесно за воигрување и останување во натпреварувачки ритам.

 

https://www.instagram.com/p/B4HxhhfHppi/

 

Никола Ивановски

Loading...

Leave a Reply