Утрово Министерството за одбрана на Велика Британија објави дневни разузнавачки информации за војната во Украина и посочи дека на Мариупол му се заканува епидемија на колера.
Би-Би-Си се обиде да објасни како дошло до ова
Пристанишниот град во јужна Украина падна во рацете на руските сили минатиот месец, по долгата битка што заврши со тоа што украинските борци поминаа неколку недели скриени во градската фабрика за челик Азовстал.
Украинските власти проценуваат дека десетици илјади луѓе, вклучително и деца, би можеле да се убиени во Мариупол.
И повеќе од 1.000 украински војници заробени во градот, наводно, биле префрлени во Русија.
Москва во мај тврдеше дека вкупно 2.439 борци се предале во последните денови од одбраната на Азовстал.
Како воошто настана ризикот од епидемија на колера?
Минатиот месец шефот на самопрогласената Народна Република Доњецк изјави дека 60 отсто од зградите во Мариупол се уништени, од кои 20 отсто не може да се обноват.
Но, заменик-градоначалникот Серхи Орлов вели дека таму сè уште живеат 100.000 луѓе.
Разговорите за можна епидемија на колера во градот се проширија последниве денови, а ризикот од инфекција е фактот што многу тела сѐ уште се закопани под урнатините, додека канализацијата наводно ги загадила главните синџири за водоснабдување.
Петро Андриушченко, советник на градоначалникот, на украинската телевизија во понеделникот рече дека хуманитарната ситуација во Мариупол се влошува, со недостиг на храна и вода, и рече дека затворањето на градот е „најциничен“ начин за борба против секоја епидемија.
„Немам зборови. Само лутина“.
Во својата изјава за Телеграм, тој рече дека окупаторските руски сили пронашле стотици тела во урнатините на уништените згради во Мариупол, опишувајќи ја ситуацијата како „бескраен караван на смртта“.
Но, во последователна објава вчера, Андриушченко рече дека претресите во областа на Левиот брег престанале:
„Окупаторите конечно почнаа да уриваат куќи, тие повеќе не ги бараат телата на загинатите под урнатините“.
Тој рече дека никогаш нема да се знае колку жители на Мариупол загинале и сѐ уште се во урнатини – бидејќи ќе бидат закопани меѓу ѓубрето во депониите.
„Немам зборови. Само лутина“, заклучил тој.