Моторите на пречистителната станица во Куманово постојано се расипуваат, а како резултат на влажните марамици и влошки кои несовесните граѓани ги фрлаат во канализацијата, рече денеска директорот на Јавното претпријатие „Водовод“ Горан Стојковски.
Сето тоа дополнително го чини претпријатието, односно граѓаните како крајни корисници на услугите.
– Како грашѓани сме несовеси и фрламе во канализација пред се влажни марамици, влошки и слични работи кои верувајте се поголем проблем за моторите на пречистителната станица од камења, така се испреплетуваат и имаме неделно дефект на моторите од влажни марамици што се фрлаат од страна на граѓаните. Досега имаме вложени 2,3 милиони денари за поправка на дефекти кои не требале да се случат ако пречистителната станица ја вршела својата функција, а тоа е чистење отпадни води, а не вакви материјали, рече Стојковски.
Сепак како што вели директорот со средствата кои ги обезбедува претпријатието пречистителната станица може да ја врши својата примарна улога, односно чистење на отпадната вода во реката Пчиња.
За 100 процентно функционирање на станицата потребни се околу милион евра, а тоа ќе значи дека 30 отсто од електричната енергија која ја троши, ќе ја произведува самата, дополнително отпадот нема да се носи со камиони туку ќе се преработува тука.
– Постојано аплицираме по фондови за реституција за компетно функционирање. Во овој обем моментално со кој функцонира имаме комплетно пречистување на оптадни води со средства кои ги собираме и работи со добивка, додаде директорот.
Сепак пречистителната станица бара високо образован кадар, нешто што е тешко да се обезбеди со платите кои може да ги понуди јавното претпријатие „Водовод“, се пожали денеска директорот Стојковски и најави дека приоритет на сите следни вработувања ќе бидат инжинери од повеќе области.
– Ќе ставиме приоритет на инжинери, машинисти, затоа што сме максимално дефицитарни со ваков кадар и луѓе за работа во мрежа, а во администрација исклучиво каде има потреба од високо образовен кадар, мора да ги предвидиме ако дојдеме во состојба да бараме вработување нема да ни биде одобрено од министерстовото, рече Стојковски.
Инаку пречистителната станица е дел од донација на Швајцарија и дел кредит кој го отплаќа општина Куманово и вкупната вредност на истата изнесува 15 милиони евра.