Во два одделни напади на исламските милитанти во југозападниот дел на Мали, загинаа 15 војници и тројца цивили, додека локалната армија уби 48 милитанти во тие пресметки.
Најголемите борби се водеа во воениот камп во Сонколо, рурална општина во регионот Сегу, кој е на околу 300 километри од главниот град на Мали Бамако.
Во тие битки загинале шест војници, а 25 од нив биле ранети, соопшти локалната армија, но милитантите претрпеле и големи загуби, бидејќи во тие напади загинале 48 од нив.
Вториот напад на милитантите, кои се поврзани со Ал Каеда и Исламската држава, се случи во градот Калумба, каде што загинаа девет војници и тројца цивили.
Имаше и други напади низ земјата кои армијата ги одби без жртви.
Да потсетиме, милитантите пред неколку дена извршија комбинирани напади во близина на главниот град Бамако, до кој најблиску се доближија во последните неколку години.