Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија го одржа Вториот Конгрес на кој присутните 413 делегати едногласно за претседател на партијата во следните четири години го избраа Максим Димитриевски.
Обраќајќи се пред сопартијците, делегатите и гостите на Конгресот, претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски рече:
„Чест ми е да ја преземам оваа одговорност на себе, да ја водам партијата во следните четири години. ЗНАМ е различен од останатите. ЗНАМ е нешто ново, што се роди од граѓаните и работи и ќе работи за и со граѓаните“.
Димитриевски нагласи дека ЗНАМ покажа дека не е човек партија. За 14 месеци се формирани 53 општински организации и градска организација на Скопје.
„ЗНАМ е производ и резултат на транзицијата. Тој е мотив повеќе за граѓаните. ЗНАМ е сеграѓанско движење да се вратат нештата во нормала во Македонија“.
Тој потенцира дека никој нема да побегне од одговорност и еден ден ќе се знае вистината за Македонија, а ќе се знае и кој ја доведе во ваква состојба.
„Имам намера да го сместам ЗНАМ како респектиран политички субјект на македонската политичка сцена. Нашата идеологија влече корени од Крушево и АСНОМ. Тоа е нашиот завет на којшто се потпираме ние. Сакам на сите да им е јасно дека ЗНАМ не е ниту ВМРО-ДПМНЕ, а уште помалку СДСМ и тоа што остана од него. ЗНАМ е свој со своите и за своите, а своите се граѓаните. ЗНАМ е гласноговорник на народот“.
Димитриевски потенцира дека оваа власт заслужува шанса, бидејќи граѓаните одлучиле на избори и таа одлука мора да се почитува.
„Македонија треба да е членка на Европската унија, но не по секоја цена. Никогаш, ЗНАМ нема да дозволи да се подгазиме самите себе си по не знам кој пат само затоа да имаме можност да седиме на иста маса. И јас и вие и сите ние во Македонија сме подеднакво Европејци, како што се и тие во Брисел и во Парис. Ние имаме природно, законско право да бидеме каде што се и останатите. Но нема да дозволиме никогаш да ја бришеме сопствената историја и да газиме по коските на сопствените предци, бидејќи нивниот завет е впишан во нашата основна идеја, во Крушевскиот Манифест и во АСНОМ-ската Декларација“.
Тој нагласи дека напишаното треба заедно да го остварат и да го трансформираат ЗНАМ во голем политички субјект и неговата енергија во Македонија да сјае, а во Македонија никогаш повеќе да не се случува ниту Кочани, ниту Тетово, ниту модуларна болница, ниту Ласкарци и други лоши работи.
„Работи од коишто треба да учиме, но и за цел живот да сочувствуваме со оние кои ги изгубија своите мили и најмили“, рече Димитриевски и додаде дека се залагаат за Македонија правна, Македонија достоинствена, чесна. Македонија која што ќе се води врз база на основните принципи и постулати на ЗНАМ – отчетност, одговорност, а од овој Конгрес натаму и посветеност.
На крајот Димитриевски се обрати до сите носители на јавни и политички функции во државата во овој момент од редовите на ЗНАМ.
„Функцијата доаѓа, функцијата поминува. Денеска сме едно, утре се враќаме во старите обувки. Немојте да заборавите никогаш. Секој акт, секое ваше политичко, извршно делување, пред да потпишете било кој документ да се ставите во функција и позиција на оној за кој што истиот е наменет. Внимавајте и работете по закон, посветено и чесно. Да ја искорениме корупцијата. За оние што се корумпирани, за оние што сакаат да владеат од сенка, а ги има многу бидете безмилосни, немајте пардон, користете го законот, бидејќи мораме да го искорениме феномен којшто не учи на пороци и дополнително не вади од традицијата. Едно знам, маж единствено може да биде маж, а жена може да биде жена. И при тоа жената е столбот на куќата, а мажот е работникот кој создава и твори за таа куќа да биде исполнета и среќна со женската љубов и со взаемната поддршка во животот“, рече Димитриевски пред делегатите и гостите на Конгресот.
На Вториот Конгрес беа избрани членовите на Централен и Надзорен одбор со мандат од четири години, а беа усвоени и измени на Статутот на партијата Движење ЗНАМ – За Наша Македонија.