Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот рече дека одлуката на Доналд Трамп за 90-дневно суспендирање на царините што тој претходно ги наметна на други земји носи само „кревка пауза“.
„Делумното суспендирање на американските царини за 90 дена испраќа одредена порака и ја остава отворена вратата за преговори. Но, овој одмор е кревок“, напиша Макрон на платформата Х.
„Кревко, бидејќи царините од 25 отсто за челик, алуминиум и автомобили и царините од 10 отсто за сите други производи сè уште остануваат на сила. Тие претставуваат 52 милијарди евра за Европската унија! Кревки, бидејќи тие 90 дена значат 90 дена неизвесност за сите наши компании, од двете страни на Атлантикот и пошироко“, додаде тој.
Ројтерс, исто така, пренесува дека Макрон повторил дека Франција и Европската унија ќе дејствуваат како едно во преговорите насочени кон постигнување договор и укинување на американските царини.