Францускиот претседател Емануел Макрон во петокот изјави дека признавањето на палестинска држава „не е само морална должност, туку и политичко барање“, наведувајќи неколку услови за преземање на чекорот, пред конференцијата на ОН на оваа тема на која ќе присуствува на 18 јуни.
На прес-конференција во Сингапур, тој исто така потврди дека Европа мора да „го зацврсти својот колективен став“ против Израел, „доколку во наредните часови и денови нема одговор во согласност со хуманитарната ситуација“ во Појасот Газа.
Во тој случај, Европската Унија ќе мора да ги „примени“ своите „правила“, „односно да ги запре процесите што претпоставуваат дека се почитуваат човековите права, што не е случај денес, и да примени санкции“, рече тој, осврнувајќи се на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ, заедницата од 27 члена и Израел, кој треба да се ревидира.
„И затоа: да, мора да го заостриме нашиот став бидејќи сега е неопходно, но сепак се надевам дека израелската влада ќе го промени својот став и дека конечно ќе добиеме хуманитарен одговор“, додаде тој.
Франција и Саудиска Арабија се копретседатели на меѓународната конференција што ќе се одржи од 17 до 20 јуни во ОН во Њујорк за таканареченото решение за две држави – Израел и Палестина.
Без јасно да наведе дали ќе признае палестинска држава на настанот, Емануел Макрон во петокот изјави дека „создавањето палестинска држава“ под одредени услови „не е само морална должност, туку и политичко барање“.
Претседателот ги наведе условите за признавање.
Тоа е „ослободување на заложниците“ што ги држи Хамас, „демилитаризација“ на палестинското исламистичко движење, негово „неучество“ во управувањето со таа држава, „реформа на палестинската самоуправа“, признавање на Израел и „неговото право да живее безбедно“ од таа идна држава и „создавање безбедносна архитектура во целиот регион“.
„На тоа ќе се обидеме заедно да се посветиме во тој важен момент на 18 јуни, а јас ќе бидам таму“, рече тој за конференцијата на ОН.