Францускиот претседател Емануел Макрон повика на развој на план за прекин на воените операции на Хезболах и Израел во Либан и нагласи дека треба да се направи сè за да се спречи повторно вовлекување на Либан во војна.
Во порака на мрежата X, тој изјави дека, по разговорот со американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, денес разговарал и со либанските власти со цел да се утврди план за прекин на воените операции на Хезболах и Израел од двете страни на либанско-израелската граница.
„Мора да се направи сè за да не се вовлече повторно оваа земја, близу до Франција, во војна“, напиша Макрон.
По почетокот на американско-израелската воена операција против Иран пред шест дена, непријателствата меѓу Израел и либанското движење Хезболах, кое е поддржано од Иран, се обновени.
Израел ги повика жителите на јужен Либан да се преселат на север поради планираните воени дејствија во тој дел од земјата, каде што се упориштата на Хезболах, а денес итно им нареди на граѓаните на југот од главниот град на Либан, Бејрут, да се евакуираат.
Како што напиша Макрон, Хезболах мора веднаш да престане да пука врз Израел, а Израел мора да се откаже од секоја копнена или друга голема интервенција на либанска територија.
Тој додаде дека либанските власти се обврзале да ја преземат контролата врз позициите што ги држи Хезболах и да преземат целосна одговорност за безбедноста на целата територија на нивната земја, и дека им обезбедува целосна поддршка за тоа.
Тој рече дека им става на располагање на либанските вооружени сили оклопни возила, како и логистичка и оперативна поддршка.
„Загрижен за раселувањето на десетици илјади либански цивили кои сега бегаат од југот на земјата, решив веднаш да им испратам хуманитарна помош“, рече Макрон, додавајќи дека станува збор за тони лекови, средства за привремено сместување и друга помош.
Тој го замоли израелскиот премиер да не ја шири војната во Либан. Тој исто така ги замоли иранските власти да не го вклучуваат Либан во војна што не е негова, и му рече на Хезболах дека треба да го положи оружјето, да го почитува националниот интерес, да покаже дека не е милиција што дејствува по странски наредби и да им дозволи на Либанците да се обединат за да ја спасат својата земја.

