Францускиот претседател Емануел Макрон изјави во вторникот вечерта, три дена пред официјалното отворање на Летните олимписки игри во Париз, дека тие ќе бидат единствени и дека „сите ќе видат од петок навечер зошто сето тоа вредело“.
„Постои безбедносен предизвик и таков е за сите главни градови кои ги организираат Игрите. Така е и за оваа церемонија на отворање“, рече Макрон во интервју за францускиот јавен телевизиски сервис Франс 2 (Франс 2).
Макрон додаде дека „сите треба да се здружат околу Франција која го поздравува светот“.
Тој во интервјуто вели и дека нема да именува нов премиер пред крајот на Игрите во средината на август, бидејќи тоа ќе „создаде конфузија“ за време на светскиот спортски натпревар.
„Очигледно треба да бидеме фокусирани на Игрите до средината на август. И тогаш моја одговорност ќе биде да го назначам премиерот и да му ја доверам задачата да формира влада и да има најширока поддршка што ќе и овозможи да дејствува и да има стабилност“, рече Макрон.